Ограничувањата и можностите за транснационална феминистичка солидарност:

Анализа на поддршката за Палестина во рамките на граѓанскиот сектор во Босна и Херцеговина, Србија и Република Северна Македонија

Во тек (1) е досега најдокументираниот геноцид, рака под рака со криминализацијата на протестите и со институционалната цензура на поддршката за палестинскиот народ. Глобалното движење за прекин на повеќедецениската окупација на палестинските територии и на вооружената и дипломатска поддршка на израелскиот режим, чиј милитаризам се прошири и на Либан и Сирија, и натаму трае. Деструкцијата приближна на пет нуклеарни бомби, системското уништување на здравствениот систем, оркестрираниот глад и ширењето на болести во Газа се причините за смрт на над 127 000 Палестинци (2). Статистиката покажува дека во Газа секоја минута е убиено по едно дете, секои 40 минути по една жена, а за една година во целост се збришани (3) 902 семејни стебла. Иако според Меѓународниот суд на правдата, главното правосудно тело на ООН, Палестинците се соочуваат со „реален и директен ризик од геноцид“, Северна Македонија и Србија, земјите од коишто потекнуваме, во различни наврати гласаа (4) „воздржано“ во ООН за прекин на огнот.

       Додека империјализмот ни го сервира геноцидот како нужна самоодбрана, а секоја критика на израелскиот режим како антисемитизам, сè повеќе јакнат политиките на заборав и историскиот ревизионизам. На оваа анализа, која произлезе од студиите за феминизам на Центарот за женски студии од Белград, гледаме како на солидарен повик да ги преиспитаме границите и можностите на граѓанскиот сектор да одговори на растечката репресија од државата и од нејзините корпоративни партнери со надеж дека ќе изнајдеме заеднички алтернативи во кои молчењето и неутралноста повеќе нема да бидат опција. Па, така, од нашето колективно сеќавање ги истакнуваме, од една страна, геноцидот во Сребреница и логорите за силување во Фоча, војната во Косово и Метохија, етничкото чистење на Македонците во Егејска Македонија, усташките логори како „Јасеновац“ и „чистењето“ на Југославија од Евреи, Роми и Срби поради што во 1942 година Белград станал прв judenfrei европски град, а од друга страна, интернационализмот и деколонијалната и антифашистичка историја и борба. Токму овие цврсти уверувања, длабоко вкоренети на југословенските простори, покажуваат дека ослободувањето значи борба против расизмот, милитаризмот, колонијализмот и тоталитаризмот, како и против креирањето и одржувањето на улогата на жртва. Осумдесеттата годишница од формирањето на Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија недвосмилено потсетува дека ослободувањето и рамноправноста се невозможни без гласовите и отпорот на жените од сите општествените слоеви. 

       Во нашите постјугословенски контексти, граѓанското општество произлезе од антивоените и мировни движења, станувајќи клучна инфраструктура во борбата за демократско општество. Од овие процеси државата не само што често се иззема, туку и ја отежнува нивната децентрализација и/или ги криминализира по потреба. Така, среде специфичностите на секој контекст и воените и економски разурнувања, продолжува борбата со репатријархализацијата, предаторската приватизација на јавното добро, како и со бирократските притисоци од империјалните и колонијални динамики коишто и натаму влијаат врз нашите револуционерни капацитети. 

        Во САД постојат многу анализи за злоупотребата - некои би рекле целта - на непрофитниот сектор, пред сè, во корист на капиталистичките и државните интереси. Дел од аспектите што ги посочува колективот ИНСАЈТ (INCITE) (5) се следење и контролирање на социјалната правда, пренасочување на јавните средства во приватни раце, пренасочување на активистичката енергија кон кариеризам наместо кон општествено организирање заради подлабока трансформација на општеството, допуштање на корпорациите да ги маскираат своите експлоататорски и колонијални практики преку „добротворна“ работа и охрабрување на општествените движења да се моделираат според капиталистичките структури наместо да ги доведуваат во прашање. 

        Оттука, се наметнува важно прашање: Како можеме да веруваме дека сегашните институции (државните, граѓанскиот и приватниот сектор) ќе реагираат соодветно на репресивниот карактер на внатрешната и надворешната политика на државите што се одговорни за тековниот „колапс на цивилизацијата“ ако нивната организациска структура, работна култура, програмски политики и бирократска пререгулација ги обликува воениот неолиберален капитализам? 

За да го отвориме ова прашање, спроведовме истражување за ограничувањата, предизвиците и можностите за дејствување на граѓанскиот непрофитен сектор во Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија со фокус на нивниот ангажман во врска со Палестинското прашање, а пред сè, со тековниот геноцид во Газа. На овој начин настојувавме да ги мапираме улогата, одговорот и евентуалните ограничувања со кои се соочуваат феминистичките организации среде контекстот на растечката глобална и локална криза, како и да ја согледаме улогата на граѓанскиот сектор во артикулацијата на солидарноста и во давањето на поддршка за палестинскиот народ.

Методологија на истражувањето и основни увиди


Истражувањето опфаќа организации од Босна и Херцеговина (БиХ), Северна Македонија и Србија. Се состои од два главни дела: прашалник којшто беше споделен на социјалните мрежи и испратен до организации што работат во областа на феминизмот и човековите права, и анализа на нивното јавно огласување преку нивните онлајн канали на комуникација. 

Прашалникот го пополнија вкупно 62 испитаници/чки од БиХ (22,6 %), Северна Македонија (30,6 %) и Србија (46,8 %), од кои најголемиот дел се изјасниле како жени (93,6 %). Речиси половина од испитаниците/чките (48,4 %) се на возраст меѓу 18 и 35 години, а најмалубројни се оние над 50 години (14,5 %). Од сите испитаници/чки, 80,7 % биле вработени во граѓанска организација во периодот од 7 октомври 2023 година до денес. Што се однесува до анализата на јавното огласување, од територијата на Србија вклучивме 33 организации, од Северна Македонија 28 организации, а од БиХ анализиравме само 11 организации. Ве молиме да ги имате предвид изнесените информации во понатамошното читање. 

Едно од првите прашања во нашиот прашалник се однесуваше на тоа колку испитаниците/чките се информираат за геноцидот во Газа – 85,5 % од нив изјавиле дека редовно се информираат, а 14,5 % повремено. Испитаниците/чките најмногу се информираат преку социјалните мрежи и независните медиуми (околу 80 %), а најмалку преку домашните медиуми (околу 40 %). Од социјалните мрежи најчесто спомнувана е Инстаграм (14 пати), а од категоријата на независни медиуми „Новара медиа“ (Novara Media) и „Демокраси нау“ (Democracy Now) – по 3 пати. Од 46 испитаници/чки коишто навеле дека се информираат преку профилите на активисти или групи, 11 (17,6 %) спомнале бранители/ки на човекови права и палестински новинари/ки и активисти/ки, меѓу кои се Франческа Албанезе, Мотаз Азаиза и Бисан Оуда. 

На прашањето дали оваа тема предизвикува интерес во јавноста во нивната држава, 43,6 % одговориле ДА, 22,6 % одговориле НЕ, додека преостанатиот дел од примерокот одговорил неодредено (не знам, недоволно и слично). Притоа, потврдно одговориле околу половина од испитаниците/чките од Србија и БиХ, додека истиот процент од Северна Македонија одговорил НЕ. Со оглед на тоа што прашањето за јавното мислење подразбира многу повеќе од медиумско известување, ги прашавме испитаниците/чките „Како би го опишале јавниот став по ова прашање на граѓанските организации во Вашата држава?, на што 56,5 % сметаат дека став нема или дека не е објавен јавно, што во најголема мера го мислат и испитаниците/чките од Северна Македонија, додека мислењата од Србија и БиХ се подеднакво поделени помеѓу тоа дека не постои јавен став и дека ставот е пропалестински и осудувачки за Израел. Сржта на нашето истражување беше да процениме дали и во која мера организациите од граѓанскиот сектор се занимаваат со прашањето за геноцидот во Газа. Во прашалникот, 45,2 % од испитаниците/чките одговориле дека организацијата во којашто работат се огласила јавно по ова прашање, 38,7 % одговориле НЕ, а преостанатите испитаници/чки изјавиле дека не знаат. Нашата анализа на јавното огласување на организациите преку нивните онлајн канали на комуникација покажа дека од 33 организации во Србија, само четири имале објави на оваа тема, а во Северна Македонија само две од вкупно 28 организации. Притоа, треба да се истакне дека од овие две организации во Северна Македонија, едната се огласила само еднаш, а другата повеќе од десет пати, што го земаме како сликовит пример за она што го воочивме во сите држави: организациите што сакаат да зборуваат на оваа тема јавно, тоа го прават често и со одредена доза на посветеност, додека оние што не сакаат, тоа воопшто не го прават или го прават едвај симболично.

На прашањето „Дали мислите дека објавувањето на ставот по ова прашање може да има негативни последици по работата на Вашата организација и, генерално, на граѓанскиот сектор?“, 50 % од испитаниците/чките одговориле ДА, додека вториот најчест одговор е НЕ ЗНАМ (37,1 %). Само 12,9 % испитаници/чки сметаат дека не би постоеле негативни последици. Образложението на овој одговор посочува еден фактор како поважен од сите останати: влијанието на огласувањето врз односот и идната соработка со донаторите.


Ајде да зборуваме за донаторските политики


Со оглед на тоа што сите четири сме работеле во или соработувале со граѓанска организација, ја предвидовме важноста на оваа тема, заради што и решивме директно да ја истражиме. Дури 88,7 % од испитаниците/чките сметаат дека донаторските политики влијаат врз огласувањето на граѓанскиот сектор по ова прашање, при што повеќето ја избрале опцијата дефинитивно влијае. Особено се спомнати донациите на фондови од САД (8 пати), ЕУ (6 пати), Германија и Обединетото Кралство (2 пати). Притоа, донаторската политика најчесто влијае на работата на организацијата преку бирократска пререгулација, цензура и автоцензура. Една испитаничка го сподели искуството на организацијата којашто морала да ги избрише сите објави за поддршка на Палестина за да не бидат поврзани со донаторот, чиј фокус се женските права. Оттогаш, конкретната организација нема објавено ништо по ова прашање. Цензурата и автоцензурата не е лесно ни да се воочат, ни да се испитаат. Сакајќи да го прикажеме ова влијание малку пообјективно, го споредивме огласувањето на организациите за геноцидот во Газа со она за „донаторски прифатливата“ војна – војната во Украина. 

Од 33 анализирани организации во Србија, за разлика од четирите што се огласиле во врска со геноцидот во Палестина, 11 се изјасниле за војната во Украина. Во БиХ, воочивме малку поинакви резултати: од 11 анализирани организации, наспроти трите што се огласиле во врска со Палестина, две се огласиле во врска со Украина. Во Северна Македонија, наспроти две од 28 организации што се огласиле на тема Палестина, избројавме седум организации што се огласиле на тема Украина. Една испитаничка, увидувајќи ја и сама разликата во известувањето на својата организација, во својот одговор во прашалникот ја потенцира, од една страна, важноста на критиката и осудата кон соработката на домашната власт и воена индустрија со Израел, како и на прекинувањето на соработката со сите што го поддржуваат геноцидот и, од друга страна, важноста на давањето (не)финансиска поддршка на пропалестинските групи во земјата. 

Квалитативната анализа на текстовите објавени од две анализирани организации во коишто се спомнуваат и Украина и Палестина, укажува на различни јазични формулации и на нормализација кога се зборува за овие случувања. Руско-украинскиот судир е опишан како неочекуван руски напад врз Украина којшто од специјална операција прераснал во повеќегодишна агресија без крај, а израелско-палестинскиот како „традиционален“ терор на Израел и Хамас којшто веќе со децении се сведува на стеснување на палестинскиот простор за живот. Војната во Украина се осудува, исто како и насилството врз израелските и палестинските цивили во судирот помеѓу Хамас и Израел. 

Иако повеќе организации се изјасниле за последиците од војната во Украина, таа бројка е и натаму мала, со оглед на фактот што нашата анализа првенствено опфати организации што дејствуваат во областа на феминизмот и човековите права. Ова нè доведе до прашањето: Дали со сигурност можеме да ги земеме донаторските политики како главен фактор за неогласувањето за геноцидот во Газа кога гледаме дека организациите не се изјаснуваат којзнае колку ни за војната во Украина? 


Кои се ограничувачките фактори?


Испитаниците/чките имаа можност да изберат еден или повеќе фактори за кои мислат дека значително влијаат врз огласувањето на граѓанскиот сектор. Најзастапен одговор беше евроцентричноста т.е. „западноцентричноста“ во изборот на темите со коишто организациите се занимаваат (62,9 %), по што следеа личниот став на поединецот/поединците во организацијата (56,5 %) и непостоењето на консензус во мислењата во самата организација (54,8 %). Овие одговори, покрај донаторските политики, укажуваат и на важноста на индивидуалниот и општествениот фактор. Прекарноста, како и тесната специјализација во работата се меѓу наведените фактори на околу 40 %, додека, пак, една четвртина ги идентификувала исламофобијата и расизмот како важни аспекти во донесувањето на одлуките. 

 

Графикон 1. Процентуална застапеност на одговорите на испитаниците/чките на прашањето
„Кои од следните фактори сметате дека имаат важно влијание врз огласувањето на граѓанскиот сектор по ова прашање?”

 

Осврнувајќи се на ограничувачките фактори, ни беше важно да истражиме дали испитаниците/чките сметаат дека нивната организација и тие самите поединечно повеќе би се занимавале со прашањето за геноцидот во Газа доколку овие фактори не постојат, заради што понудивме опција за подолго образложение. На прашањето дали организацијата би се бавела подиректно или почесто со ова прашање, 67,7 % понудија недефиниран став (можеби и не знам), 19,4 % одговорија потврдно, а 12,9 % рекоа не, меѓу кои има ставови дека феминистичките организации не треба да се бават со оваа тема. Од 62 испитаници/чки, 30,6 % мислат дека покрај постојниот ангажман со фокус на Палестина, потребна е и дополнителна работа, како индивидуално, така и во организацијата; 29 % мислат дека доволно се ангажираат и индивидуално и во организацијата, а 19,4 % мислат дека доволно се ангажираат индивидуално, од кои 5 испитаници/чки тоа го прават и покрај тоа што нивната организација нема јавен став по ова прашање. 

        Анализата на пишаните одговори и на статистиката отвора важни прашања коишто се однесуваат на тензијата помеѓу индивидуалниот и колективниот став, работните услови, култура и политики од кои произлегуваат одговорите, како и на тенденцијата да се префрла одговорноста што неретко содржи нормализирачките ставови. Така, 25,8 % од испитаниците/чките сметаат дека организацијата не се занимава доволно, а тие самите не покажуваат интерес ниту потреба да направат нешто по ова прашање; ставовите на 33,9 % се нормализирачки и пасивни и, исто така, сугерираат трансфер на одговорноста. 

Испитаниците/чките коишто нагласија дека јасно и без задршка ги искажуваат своите ставови, на работното место исто така чувствуваат солидарност и споделени заеднички вредности што ги мотивира да ги изразат своите политички мислења. Низ одговорите се нагласува потребата од поддршка за развој на експертизата во регионот, како и за ангажирање новинари/ки и истражувачи/чки надвор од регионот. Наспроти ова, 11,3 % дополнително го истакнале стравот од губење на работата и на фондовите, а 17,7 % недостигот на информираност, солидарност и политичко ангажирање на вработените, при што две испитанички дури и дале отказ во феминистичките организации поради тоа што не можеле да го поднесат лицемерието во врска со прашањето за Газа, што се надоврзало на прекарните и токсични работни услови. 


Како ја практикуваме транснационалната феминистичка солидарност? 


Многу од погоренаведените фактори влијаат и врз можноста за градење силен феминистички антикапиталистички фронт. Во сите контексти, највидливите форми на отпор доаѓале од вонинституционалните простори, неусловени од донаторските и програмските политики. Протести, блокади на институции, но и бојкотирање на компании (БДС) (6) кои финансиски го поддржуваат кршењето на човековите права, притисок врз власта да престане да го вооружува Израел, да ја признае палестинската држава и да заземе јасен антигеноциден и антиционистички став се меѓу стратегиите што испитаниците/чките ги наведуваат како ефикасни во практикувањето на феминистичката солидарност.

Градењето на автономни, одржливи и локализирани движења кои „ја вкоренуваат борбата во конкретните контексти“ на долги патеки, исто така, бара да позициите на донесување одлуки, вклучително и во граѓанскиот сектор, ги пополнуваат луѓе со интегритет кои нема да дозволат ниту донаторите ниту државата да влијаат врз колективните вредности и кои ќе поддржат стратешко планирање надвор од постојните донаторски модели. Овој процес подразбира и борба за дистрибуција на добрата, отстапување од токсичната филантропија, учење од и придружување кон трансфеминистички и транснационални мрежи за поддршка на т.н. Глобален Југ. Во нашиот регион, показатели за добри и инспиративни практики можеме да најдеме во работењето на неформални групи, колективи и иницијативи во чиј фокус на дејствување е Палестина, како што се „Иницијатива за слободна Палестина“ (Inicijativa za slobodnu Palestinu) од Загреб, „За слободна Палестина“ (Za slobodnu Palestinu) од Белград, „Сите за П4лестина од Скопје и Феминистичкиот антимилитаристички колектив (Feministički antimilitaristički kolektiv) од Сараево. Актуелниот подем на десницата низ светот изискува и стратешка деколонијална стратегија и од нас бара да ги преиспитаме сопствените позиции, привилегии и наклонетост кон белиот либерален спасителски феминизам којшто упорно нè мами да го создаваме „другиот“ и „различниот“.

Потребно ни е да изградиме хоризонтални мрежи на споделени ресурси, знаења и стратегии - наместо еднонасочно помагање и готови решенија - преку кои „ќе ги разбиваме империјалистичките и капиталистичките структури што ги поробуваат нашите тела и идентитети“. Радикалната имагинација подразбира предаденост на борбите за укинување на корпоративниот милитаризам, националните држави и нивните репресивни апарати. Не е доволно да се бара прекин на огнот и на геноцидот ако тоа и натаму значи седење на истата воено-расно-капиталистичка преговарачка маса. Имаме должност пред нас самите, пред генерациите пред и по нас и пред сиот жив свет да ја превртиме таа маса и да создадеме простор за нови заедништва. Заради тоа мораме навистина „да го разбереме насилството“ и да бидеме отворени за „радикално да ги слушаме и признаваме гласовите на маргинализираните од колонијалните структури“ (7) како свои и како соучеснички во борбата за достоинствен живот и опстанок на сите. 

Фусноти:

(1) Овој текст е пишуван во текот на есента и зимата 2024 година и финализиран во јануари 2025 година, кога е најавен и прекин на огнот.
(2) Проект Сабар (Sabar Project): https://www.instagram.com/p/DDex0BcRiMq/?igsh=cGZrY3MydGJkdzZs
(3) Aljazeera, Israeli military wiped out 902 families in Gaza, 29 октомври 2024 г.
(4) Северна Македонија гласаше воздржано за резолуцијата на ОН, заедно со дел европски држави, 360степени | 28 октомври, 2023
(5) „Револуцијата нема да биде финансирана отаде непрофитниот индустриски комплекс“ уредено од ИНСАЈТ! Обоени жени против насилството. Издавач: Саут Енд Прес, 2007 г. Издавач на новото издание: Дјук Јуниверзити Прес, февруари 2017 г.
(6) Што е БДС? ​​https://bdsmovement.net/what-is-bds
(7) Цитатите во овој дел се преземени од одговорите на испитаниците/чките на прашањето „Како, според Вас, би требало да се практикува меѓународната феминистичка солидарност?“ што беше дел од нашиот прашалник.

Датум на финализирање на текстот: 21 јануари 2025 г.


За авторките: 

Данијела Дедовиќ (р. 2004 год. во Ужице) е феминистка, активистка и девојка од село која од втора година средно се занимава со разни видови на неформално образование. Студира психологија на Факултетот за медиуми и комуникации и социологија на Филозофскиот факултет во Белград. Една е од основачките на Здружението за оснажување граѓанки и граѓани „ОснаЖене“ (OsnaŽene). 

Андријана Папиќ Манчева (р. 1986 год. во Скопје) е преведувачка, поборничка за репродуктивна слобода и дел од тимот зад Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Страста за живот со помалку отпад, која веќе цела деценија расте заедно со родителството, низ годините се претвори во неисцрпен интерес за екофеминизмот низ призмата на интерсекционалноста. 

Наташа Прљевиќ (р. 1986 год. во Ужице) е уметница, работничка во културата и организаторка. Преку колаборативни и колективни практики се занимава со улогата на уметноста во општествените промени и во градењето на транснационална феминистичка солидарност. Таа е една од основачките на платформата и колектив ХЕКЛЕР (HEKLER) која критички и експериментално ги преиспитува гостопримството и судирот, и членка е на Иницијативата „Састајалиште Четири воде“ (Sastajalište Četiri vode).

Христина Тониќ (р. 1999 год. во Ниш) е младинска активистка која се занимава со феминистички и други политички прашања низ призмата на интерсекционалноста, со разнолико волонтерско искуство. Студентка е на последната година по психологија на Филозофскиот факултет во Ниш и својата експертиза сака да ја гради во пресекот на психологијата, политиката и активизмот.